Дирекцијата за радијациона сигурност и Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје денес потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на стручната едукација, практичната обука и развојот на кадри во областа на радијационата сигурност.
Со меморандумот се предвидува воспоставување на програма за практична работа на студенти по физика во Дирекцијата, преку која тие ќе имаат можност непосредно да се запознаат со работата на институцијата, процесите на издавање дозволи и лиценци, инспекцискиот надзор, мониторингот на радијацијата и постапувањето при вонредни настани.
Во рамките на соработката е предвиден и развој на специјализирани програми за обука од областа на радијационата заштита. Преку акредитирани курсеви и сертификација, професионално изложените лица ќе можат да стекнат современи знаења и практични вештини за безбедна работа со извори на јонизирачко зрачење.
Дирекцијата за радијациона сигурност останува посветена на развојот на човечкиот потенцијал, јакнењето на стручните капацитети и градењето партнерства со академската заедница, како основа за одржлив и безбеден развој во областа на радијационата сигурност.
Со оваа соработка создаваме можности за нови генерации експерти и ја зајакнуваме врската помеѓу образованието и практиката, во интерес на граѓаните и државата.